Македонија
29. September 2022 - 16:35

Џафери уверува дека парламентарното мнозинство е стабилно и покрај превирањата во ДУИ

Парламентарното мнозинство е стабилно и сега за сега брои 64 пратеници, вели собранискиот спикер Талат Џафери откако во јавноста се отворија дилеми дали власта има доволен број народни избраници во Собранието по превирањата во ДУИ.

На брифинг со новинарите, Џафери вели дена до него не е стигнато никакво известување од пратеник на пратеничката група на ДУИ дека ќе го промени својот статус како независен, иако во писмото на т.н. огнената група, која е незадоволна од нивни министри се потпишани двајца интегративци од парламентот.

Тој не сакаше да ги  коментира случувањата во ДУИ иако е дел од раководството на партија и пратеничката група, но запрашан на која група тој припаѓа, Џафери рече:

 „20 години сум дел од ДУИ, се знае на која страна сум. Јас сум на таа страна, на страната на партијата. И јас сум вложил во создавањето на тој субјект“.

Од тоа дали незадовлните пратеници од ДУИ ќе се одвојат од својата група ќе зависи и како Ковачевски понатаму ќе тера со владиниот кабинет, кога ќе биде изборот на Пенов за министер за локална самоуправа по оставката на Милевски од ЛДП, но и дали ќе има промени и во други министерски позиции.

Тенкото владејачко мнозинство ќе значи и дополнително отежната работа во Собранието, неодржување на седници поради немање кворум, неефикасно и брзо носење на законите што и онака се случува по активната блокада на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.