Македонија
13. March 2024 - 16:30

Џафери: Прашајте го Ахмети дали ќе бидам носител на изборна листа

Техничкиот премиер Талат Џафери не знаел дали ќе биде носител на листа од ДУИ во првата изборна единица - тоа требало да го каже Али Ахмети, па одговор не препрати да бараме во Тетово. До каде е постапката за избор на листата на пратеници за престојните избори во Мала Речица, Џафери не сакаше да одговори, бил фокусиран на настанот на кој беше присутен.

Ниту вицепремиерот Битиќи чие име заедно со Сања Лукаревска циркулира како можни носители во втората изборна единица, не сакае да зборува дали е донесена конечна одлука на Бихаќка.  Не давал партиски изјави во работно време.

Додека интегративците уште тактизираат со кои имиња ќе влезат во трката за парламентарните избори, ниту здружената албанска опозиција  нема конкретни имиња за носители. Во македонскиот блок веќе финишираат постапките, но енигма и за СДСМ и за ВМРО ДПМНЕ се уште е петтата изборна единица. Во останатаите веќе е утврдено, а најголемата „битка“ се очекува во единицата, каде силите ќе ги одмеруваат Мицкоски, Ковачевски, најверојатно Џафери и Меџити од „Вреди“, Апасиев и Арсовска.