Македонија
21. October 2021 - 8:58

Џафери на Конференција во Атина, ќе се сретне со претседателот на грчкиот Парламент

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери од денеска учествува на дводневната Конференција на претседатели на парламентите на земјите – членки на Советот на Европа што се одржува во Атина, а планирана е средба и со претседателот на парламентот на Грција Константинос Тасулас, јави дописничката на МИА од Атина.

На конференцијата, што е во организација на грчкиот Парламент и Парламентарно собрание на Советот на Европа (ПССЕ), ќе учествуваат претседателите на Парламентите на 47-те земјите членки на Советот на Европа, како и на земјите- набљудувачи или партнери за демократија, односно учество ќе земат над 50 претседатели и околу 300 претставници.

Според агендата, конференцијата ќе ја отворат претседателот на грчкиот парламент Константинос Тасулас, претседателот на ПС на СЕ Рик Даемс и генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ.

Дводневната дискусија на претседателите ќе се фокусира на три главни тематски области „Демократиите соочени со здравствена криза Ковид-19: споделување искуства, патот напред“, „Животната средина сега“: националните парламенти и правото на здрава и одржлива животна средина“ и „Заедничката иднина на сите европски граѓани“.

На маргините на Конференцијата, претседателот на Парламент на Грција Константинос Тасулас ќе оствари низа средби со негови колеги, меѓу кои и со претседателот на Собранието на Македонија Талат Џафери.

Овие конференции се одржуваат од 1975 година на секои две години, наизменично во Стразбур или во главниот град на земја – членка на Советот на Европа. На покана на грчкиот Парламент, конференцијата оваа година се одржува во Атина, во време кога земјата ја прославува двестегодишнината од својата независност.