Македонија
21. August 2019 - 9:46

Двосменско работење во делчевската библиотека

Љубителите на пишаниот збор во Делчево отсега ќе можат да ја посетуваат Јавната локална библиотека „Илинден” и во попладневните часови. Од денеска се воведува новото работно време на библиотеката до 18 часот, а промената на работното време како што соопшти директорката Анита Петровска, е на барање на читателите.

– Поголем број од читателите не се во можност до 15:30 часот да дојдат во библиотеката и од 21. месецов вратите на библиотеката ќе бидат отворени секој работен ден до 18 часот. Ова значи дека и новата читална до тој период ќе им биде на располагање на читателите, вели Петровска.
 
Таа информира дека во библиотеката постојано се зголемува бројот на нови читатели, а редовно се обновува и книжниот фонд.
 
-Поради тоа што бројот на читателите секојдневно се зголемува, расте секојдневно и книжниот фонд. Моментно располагаме со 60.000 наслови меѓу кои детска литература, белетристика, романи и друга литература, а секако тука се и најновите изданија кои се популарни меѓу страсните љубители на книгата. Во однос на бројот на читатели, на наше огромно задоволство од почетокот на годината досега имаме 321 нов читател, што е солидна бројка, ако ја споредиме во однос на минатите години, додава Петровска.
 
Како што истакнува, моментно најбарани се делата на Донато Каризи, Џули Џејмс и Сузан Елизабет Филипс, а од ЈЛБ „Илинден“ најавија дека и понатаму ќе продолжат со збогатување на книжниот фонд со се што е ново, интересно и актуелно.