Македонија
20. April 2024 - 18:27

Две жртви и еден повреден во тешка сообраќајка на експресниот пат Штип-Кочани

Две жртви има во тешката сообраќајна несреќа, што се случи денеска во 14.25 часот на експресниот пат Штип-Кочани во близина на индустрискиот дел на Штип, потврди портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова во соопштението лиферувано до медиумите. Жртвите се на возраст од 40 и 64 години, од Кочани од Скопје.

-На 20.04.2024 на експресниот пат Штип Кочани во близина на индустрискиот дел Штип, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „пежо" со кочански регистарски ознаки управувано од А.Н.(40) од Кочани и патничко моторно возило „шкода" со скопски регистарски ознаки управувано од Б.Д.(66) од Скопје. Од здобиените повреди на местото на несреќата починале возачот на пежото и сопатничката Л.Д.(64) во шкодата. Смрт констатирал лекар од Итната медицинска помош Штип, се вели во соопштението од СВР-Штип.

Во соопштението се посочува дека возачот на шкодата се здобил со повреди констатирани во Клиничката болница Штип.

Панајотова информира дека од 17.15 часот целосно ќе биде затворен за сообраќај патот Штип до клучката кај Крупиште. Сообраќајот ќе се одвива по стариот регионален пат Штип - Кочани.

Увидот е во тек. Инаку ова е втора тешка сообраќајна несреќа на овој експресен пат, во февруари на истиот пат во близина на селото Жиганци исто така загинаа две лица.