Македонија
5. јуни 2023 - 16:38

Две условни и една ослободителна пресуда за пожарот во модуларната болница во кој загинаа 14 пациенти во Тетово

Условна затворска казна од година и половина доколку во следните три години не направат кривично дело добија двајцата директори на тетовска болница, Флорин Бесими и Артан Етеми. Казна од 1 милион денари заработи и правното лице модуларна болница за делото тешки дела против општата сигурност. Ослободителна пресуда доби докторот Бобан Вучевски кој се гонеше за непостапување по здравствени протоколи за време на епидемија а и тетовската болница беше ослободена за истото дело. 

Директорите се виновни дека не поставиле ПП апарати во модуларната болница во која загинаа 14 луѓе во пожарот на 8 септември 2021 година. Директорот Бесими по слушање на пресудата рече дека не е задоволен од неа и ќе поднесе жалба.

Вучевски беше пречекан со аплауз од стотина граѓани кои пред Основниот суд побараа ослободителна пресуда за него. Тие сметаат дека одговорност треба да се бара од изведувачите а не од доктор кој напорно работел во спасување пациенти за време на пандемијата од Ковид. 

Пред новинарите зборуваше и претставник на тетовчани кои беа тука за поддршка на д-р Вучевски кој од име на сите му се заблагодари на судот. 

Судијата Јордан Велковски по завршувањето на рочиштето ни појасни нам новинарите дека сочувствувал со семејствата на жртвите но пресудата ја донел исклучиво гледајќи ги сите материјални и вербални докази. Рече дека обвинението од ЈО се однесувало само на непостапувањето на двајцата директори на болницата а не се барале причините за пожарот. Затоа и во судот не беше презентирано вештачењето на германските истражители. Рече дека ЈО треба да поведе нова постапка доколку сака да се дознае вистината за причините за пожарот во кој загинаа 14 пациенти кои се лечеа од Ковид.