Свет
6. November 2017 - 21:56

Две руски државни институции вложиле пари во Фејсбук и Твитер преку соработник на зетот на Трамп

Две руски државни институции вложиле значителни средства во Фејсбук и Твитер преку соработник на Џаред Кушнер, зет на претседател на САД, Доналд Трамп, објави „Гардиан“.

Инвестициите оделе преку рускиот технолошки магнат Јуриј Милнер, кој поседува удел во компанијата во која Кушнер е ко-сопственик, пишува британскиот весник.

Ова откритие сигурно ќе предизвика загриженост поради влијанието на Русија врз американската политика и улогата на социјалните мрежи на минатогодишните претседателски избори. Исто така, ова може да доведе до нови проблеми и за двете компании и за Кушнер.

Александар Вершбоу, американски амбасадор во Русија за време на Џорџ В. Буш и на Бил Клинтон, вели дека руските државни институции често се користат како „алатки на Владимир Путин за политички проекти“.

Според него, откритието е загрижувачко во светло на обидите на Москва да ја разниша американската демократија и јавната дебата.

- Очигледно постоел поширок план, и покрај уверувањата на Путин во спротивното, вели Вершбоу.

Деталите за инвестициите се прикажани во милиони документи наречени „Рајски документи".Милнер вели дека Фејсбук и Твитер не знаеле дека парите за инвестиции потекнуваат од државната ВТБ банка и финансиската филијала на компанијата за нафта и гас, Газпром.Портпаролот на Кушнер не ги коментираше наводите.

Документите покажуваат дека ВТБ банката инвестирала 191 милион долари во Твитер во 2011 година, додека во исто време Газпром инвестирал во нетранспарентна оф-шор компанија, која, пак, финансирала посредник, кој имал околу една милијарда американски долари акции во Фејсбук.

Парите течеле преку инвестициските посредници под контрола на Милнер.

Тој во 2015 година, инвестирал во њујоршка старт-ап компанија во сопственост на Кушнер и неговиот брат. Кушнер сопственоста веднаш не ја пријави кога ја прифати работата во Белата куќа.

Јури Милнер некогаш беше консултант на руската влада за технологија, и инвестираше седум милијарди долари во повеќе од 30 интернет компании, вклучувајќи ги и Ер-Би-Ен-Би (Airbnb), Спотифај (Spotify) и кинеските трговски компании Алибаба и ЏД. ком (JD.com).

Тој во неколку наврати изјави дека со парите на ВТБ банка не го купиле влијание на Твитер и дека не знаел дека Газпром стои зад влогот на Фејсбук. Овие работи, вели тој, се само мал дел од неговото портфолио и биле направени за време на подобри американско-руски односи.

Милнер негира дека е соработник на Џаред Кушнер. Како што тврди, тој инвестирал во компанијата на Кушнер од економски причини и негира дека некогаш соработувале. Тој тврди дека со Кушнер се сретнал само еднаш, на коктел, и дека не бил вклучен во политички активности.