Спорт плус
3. April 2023 - 19:58

Две бронзи за Македонија на „Белградски победник“

Боксерската репрезентација на Македонија со два бронзени медали го заврши учеството на јубилејното 60-то издание на меѓународниот турнир од А категорија „Белградски победник“. 
Илхан Озмен во категоријата до 63,5 кг во 1/4 финалето го декласираше државниот првак на Казахстан и Азиски првак, Васили Самчук со 5:0, меѓутоа беше оневозможен да учествува во полуфиналната борба против Лаи Чу Ен од Тајпеј поради повреда на аркадата и мораше да се задоволи со бронзениот медал. Ален Рустемов пак, во категорија до 57 кг по победата во 1/4 финалето над домашниот боксер србинот Лазар Пантиќ кој не се појави во рингот ,  во 1/2 финалето беше поразен од италијанскиот боксер Микеле Балдаси  со 4:1 и исто така со бронзен медал го завршува настапот  на силниот турнир. На турнирот учество земаа 225 боксери од 25 држави, а со овие победи, репрезентативците Рустемов  и Озмен и донесоа голем успех на Македонија на ова мини Светско првенство, на кое предводници на репрезентацијата на Македонија беа тренерите Васко Цубалевски и Јове Петровски.