Свет
31. March 2016 - 14:41

Двајца загинати при експлозија на танкер во Дуисбург

Најмалку две лица загинаа, а трето се води како исчезнато при експлозија на танкер што се случи денеска во бродоградилиштето „Јулиус Ригерс“ во германскиот град Дуисбург, јави дописникот на МИА од Берлин.

Двајцата загинати во моментов на експлозијата товареле засега непознат материјал во танкерот.

Полицијата се уште трага по трет работник кој се води како исчезнат.

Според полицијата, експлозијата се случила во делот каде што се наоѓа моторот на танкерот, а жртвите се работници кои го поправале моторот.

По експлозијата избувнал и пожар во чие гаснење учествувале 50 пожарникари.

Причината за експлозијата се уште не е позната, но засега нема индиции за терористички напад или друг вид криминал.