Македонија
31. March 2020 - 19:40

Двајца починати, 44 заразени со корона вирусот во изминатите 24 часа, вкупно заразени 329

45-годишен кумановец и 78 годишен маж од Дебар се двете нови жртви на корона вирус. И двајцата имале повеќе хронични болести кои довеле до влошување на нивната состојба.

Изминатото деноноќие се дијагностицирани 44 нови заболени од корона вирус што е најголем пораст на дневната бројката откако почна ширењето на заразата. Министерот Филипче вели дека ова се должи на зголемување на бројот на тестирани лица и дека овие бројки се сосема очекувани.

Од вкупно 329 заболени лица, на инфективната клиника се хоспитализирани само 54.

Филипче не открива повеќе детали за скопјанецот кој непочитувајќи ја мерката за самоизолација довел до ширење на заразата во главниот град. Извори од истрагата откриваат дека повеќе заболени лица го посочиле осомничениот како лице со кое оствариле контакт пред да бидат заразени со вирусот. МВР веќе поднесе кривична пријава до скопското обвинителство, но засега нема официјални информации колку лица заразил осомничениот.

Филипче информираше дека од утре ќе стартуваат мобилни тимови во Скопје кои во домашни услови ќе тестираат постари лица како најризична група на граѓани. Веќе од утре ќе биде пуштена и мобилната клиника во близина на Инфективната клиника со што ќе се дуплира капацитетот на болнички кревети.