Loading Video...
Балкан
13. September 2024 - 19:43

Двајца пилоти загинаа при пад на авион за време на вежба во Бугарија

Двајца воени пилоти загинаа во Бугарија откако тренинг авион се сруши во воздухопловната база Граф Игнатијево. Пилотите ја изведувале вежбата која утре требало деа биде дел од централната манифестација по повод 20 годишнината од членството на Бугарија во НАТО.

Кобниот тренинг лет се вежбал со месеци, а пилотите многупати ја извеле вежбата.

„Мајорот е роден 1973 година, постариот поручник во 1996 година. Изразувам сочувство до роднините. Денеска во 12:13 часот за време на тренинг лет, по летовите на првите групи, на ред дојде екипажот од 12-та база во Долна Митрополија. Полетаа во 12.17 часот, во 12.30 часот се урнаа и загинаа“, изјави министерот за одбрана Атанас Запрјанов.

На урнатиот авион L-39 годинава му бил направен ремонт и без проблем бил користен за обука и тренинг активности. Командантот на бугарските воздухопловни сили нема објаснување зошто катапултот во тој момент не функционирал.

„Во тек е истрага, не можам да коментирам ништо како причини или мотиви. Задачата беше обучена многу пати, што само по себе сугерира дека биле обучени за тоа што го правеле. Мајор Димитров е еден од најдобрите Л- 39 пилоти во Бугарија, а поручникот Данкин е млад пилот со одлични способности, кој беше една од надежите на базата“.

Во вооружените сили утре ќе биде ден на жалост, а знамињата ќе бидат спуштени на половина копје.