Дваесет и една година Рамковен договор
Со доделувањето на сертификати за учесниците на Школата за млади лидери „Peace Forum Dialogue” од страна на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби вчера во Маврово, започна овогодишното одбележување на годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во земјава во 2001 година.
Во обраќањето на свеченоста Груби посочи дека придобивките од Охридскиот договор се видливи во концептот еднакво општество за сите.
– Денеска после 21 година, државата се грижи за заедниците кои живеат во неа и сите заедници станаа еднакви бидејќи Албанците, Македонците, Србите, Бошњаците и другите кои живеат заедно во една земја, ни се грижа за безбедноста и евроатлантската перспектива, истакна Груби, посочувајќи дека земјава денес е членка на НАТО, а минатиот месец ги почна преговорите за членство во Европската Унија.
Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје од страна на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.
Во разговорите што започнаа во јули во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, беа консултирани повеќе советници и експерти, а во одредени написи што излегоа во текот на годините и Али Ахмети, кој во тоа време ја предводеше ОНА.
Во основните принципи на документот се наведува дека „целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели”.
– Само мирни политички решенија можат да ја загарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија. Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања. Мултиетничкиот карактер на македонското општество мора да се сочува и да најде свој одраз во јавниот живот. Една современа демократска држава, во природниот тек на својот развој и созревање, мора постојано да обезбеди нејзиниот Устав целосно да ги исполнува потребите на сите нејзини граѓани во согласност со највисоките меѓународни стандарди, коишто и самите постојано се развиваат. Развојот на локалната самоуправа е од суштествено значење за поттикнување на учеството на граѓаните во демократскиот живот, и за унапредување на почитувањето на идентитетот на заедниците, се додава во документот.
Потоа следуваат точки што се однесуваат на прекин на непријателствата, развој на децентрализирана власт, недискриминација и правична застапеност, посебни собраниски процедури, образование и употреба на јазиците, изразување на идентитет и имплементација.
Договорот содржи и три Анекси: А. Уставни амандмани; Б. Измени во законодавството и Ц. Имплементација и мерки за градење доверба, како и завршни одредби.
Во контекст на спроведувањето на Договорот, во 2004 година беше основан Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, којшто подоцна прерасна во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Секретаријатот имаше задача целосно да го спроведе договорот и да обезбеди административна и стручна поддршка на заменик претседателот на Владата задолжен за спроведување на Охридскиот рамковен договор.
Ново на Сител
-
Земјотрес со јачина од 5,9 степени според Рихтеровата скала го погоди брегот на Куба
-
Македонските ракометари поразени во Литванија
-
Кога една остварена цел, отвора можност за нова | Славјанка Петровска | Sitel Podcast 069
-
Манчестер јунајтед има три победи и едно реми по отпуштањето на Тен Хаг
-
Пуштено на домашно лекување момчето тешко повредено при пукање во Арачиново
-
Само 23 отсто од Французите го поддржуваат Макрон
-
Ревија на стари автомобили се одржа во Тетово, најстар беше „Фиат“ од 1932 година
-
Релево: Реал сака да го ангажира Лапорта во зимскиот трансфер прозорец