Македонија
4. April 2017 - 13:10

Два шумски пожари во Кривопаланечко

Екипите на Територијална противпожарна единица Крива Паланка во текот на вчерашниот ден гаснеле пожар на две локации во приградскиот реон.

Во едниот пожар во село Луке изгорела поголема површина бор и бука, додека во вториот во село Мала Црцорија гореле стрништа.

-Пожарот во Луке настанал во м.в. Станков рид, а интервенирано е со три екипи. Од ТППЕ е упатена една екипа со тројца пожарникари и две екипи од Јавно претпријатие Македонски шуми, подрачно шумско стопанство „Осогово“, со вкупно десет лица, а пожарот е ликвидиран во 17 часот, изјави Иле Коцевски, командир на ТППЕ, Крива Паланка.

Опожарени се вкупно десет хектари шума.

-Во пожарот кој е пријавен околу осум часот изутрина на 3 април изгореа пет хектари бор, пет хектари букова шума и пет декари ливади и пасишта. На пожарот во село Мала Црцорија уаптена  е екипа со тројца пожарникари, како и  едно лице од Подрачна единица на Дирекција за заштита и спасување,  но месното население успеало да го изгаси пожарот пред нивното пристигнување. Опожарени се стрништа, трева и ниско-деградирана шума, дополни Коцевски.

Материјалната штета од двата пожари дополнително ќе се утврдува. Ова е трет пожар за само три дена во Кривопаланечко.

-Од почетокот на месецот интервенирано е на три пожари. Но она што загрижува и покрај апелите од наша страна, е зачестеното палење оган на отворено на многу места.  Кај нас се примаат како дојави за пожар, но по кратко врем граѓаните се јавуваат повторно, бидејќи стрништата кои се запалени успеваат сами да ги изгаснат, додава Коцевски.

Повика граѓаните да не ги палат стрништата, бидејќи при слаб ветар огнот почнува неконтролирано да се шири и предизвикува пожари.

Палењето оган на отворен простор е казниво со закон, а глобите можат да достигнат и до 3.000 евра во денарска противвредност.