Македонија
26. May 2020 - 9:23

Два дена без починати од Ковид-19, најмногу заразени во Скопје

Во изминатите два дена не се регистрирани починати од коронавирусот во државава, а се бележи минимален пад на бројот на заразени, кој вчера достигна 21, а завчера беше 37.

Вкупната број на дијагностицирани со Ковид-19 во земјава од почетокот на епидемијата, изнесува 1.999, бројката на оздравени пациенти е 1.439, на починати е 113, а во моментов бројот на активни случаи во земјава изнесува 447.

Скопје и натаму е на врвот на заболени во државава на дневна основа, но и со вкупниот број дијагностицирани – 725 случаи и 204 активни случаи, а по него следат Куманово со 436 случаи и 35 активни случаи, Прилеп со 210 случаи и 46 активни случаи, Тетово со 177 случаи и 82 активни случаи, Велес со 127 случаи и 41 активен случај…

Во земјата се направени вкупно 25.528 тестирања на Ковид -19. Двајца позитивни на Ковид-19 се откриени во рамки на скринингот на вработените во градинките, а завчера е регистриран и еден позитивен случај во Геронтолошка установа во Скопје.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби вкупно се хоспитализирани 54 пациенти од кои на кислородна поддршка се 20, а на механичка вентилација се тројца пациенти. Во ГОБ „8 Септември“ вкупно се хоспитализирани 21 пациент од кои шест се на респиратор, а уште шест се со потешка клиничка слика. Во болницата во Битола се хоспитализирани четворица пациенти, а на домашно лекување се следат уште четворица пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани седум пациенти, а на домашно лекување се следи еден пациент. На ифективните одделенија во Велес, Куманово, Прилеп и Охрид се хоспитализирани 41 пациент- позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера на својот ФБ профил во врска со верските собири напиша дека коронавирусот ниту е мртов, ниту е заминат, тој е тука и за жал, проблемот ќе се провлекува се додека има такви кои го ингнорираат.

– Многу пати повторив, но еве уште еднаш ќе кажам. Здравствените работници не можат сами. Мерките се добри и навремени, но тие функционираат само ако се почитуваат, во спротивно немаат ефект. Почитувањето на мерките и ефектите од нив зависат само од нас како граѓани. Едноставно мора да се прифати новиот начин на живот, мора нашето секојдневие да го прилагодиме почитувајќи ги препораките, потенцира Филипче.

Тој истакна дека фотографиите и прилозите од завчерашното празнување во верските храмови и пред нив се повторно загрижувачки.

– И покрај апелите на здравствените институции да нема масовни собирања, да се почитуваат мерките за држење дистанца и ограничувањето на движењето, тоа не се случи. Го почитувам празнувањето и силно верувам дека тоа се значајни настани за сите нас, независно на која вера припаѓаме. Но, оваа година празниците во целиот свет се празнуваат на еден поинаков начин, ставјаќи го сопственото здравје и на нашите сограѓани пред се и над се, посочи Филипче и им се заблагодари на граѓаните кои се придржуваат кон мерките, а кои за жал, понатаму можат да бидат изложени на ризик поради тие кои тоа не го прават.

Препораките за заштита од коронавирусот граѓаните и натаму треба да ги почитуваат и да не се групираат, задолжително да носат заштитна опрема (маска, марама) со која ќе им бидат покриени устата и носот, редовно да ги мијат рацете или да ги дезинфицираат и да држат дистанца од два метра.