Македонија
30. September 2024 - 16:35

ДСЗИ во вонреден надзор во кумановската болница, Обвинителството ја чека обдукцијата на 31-годишната родилка

Инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат денеска прават вонреден надзор во кумановската болница. Ја прибираат целокупната медицинска документација за 31 годишната родилка која почина пред три дена за време на породувањето. Освен ДСЗИ, вонреден стручен надзор ќе иницира и Министерството за  здравство. Како дојде до ненадејната смрт на родилката чие срце престана да работи кога биле почнати стимулации за контракции, истражуваат и во болницата.

-Утрово имаше итен состанок на Комисијата за квалитет и унапредување на  здравствени услуги. Отпочнат е процес за утврдување на фактичката состојба, дали се испочитувани протоколите за постсапување со пациентот од неговиот прием до моментот на настанување на немилиот настан. Ова е првичен состанок каде се земени изјави од сите засегнати и сета документација, изјави за Сител директорот на болницата Стрефан Трајановски.

По налог од обвинителството во тек е обдукцијата и тој наод треба да покаже од што настапила смртта.

-Ако се појави потреба, ќе следува уште едно вештачење за утврдување на евентуална причинско-последична поврзаност меѓу породувањето и смртта, ни одговорија од ЈОРМ.

Бебето кое било реанимирано по породувањето со царски рез се уште е на респиратор на одделот за интензивна нега на Детска клиника.

-Новороденчето се уште е во тешка општа состојба на механичка вентилација, на циркулаторна поддршка. Има и неуропротективна терапија. Тоа уште на старт е со високи инфламаторни маркери со значи за тешка рана неонатална сепса. Така што, се следи состојбата, ја има потребната медицинска нега. Рано е да се прогнозира за понатамошниот тек и исходот, вели д-р Реџеп Мемеди, директор на Клиника за детски болести.

На починатата родилка ова и била втора бременост. Редовно одела на контроли и во кумановската болница ја примиле во 40 гестациска недела со прснат водењак. Немала никакви други заболувања освен гестациски дијабет. Кога и вклучиле стимулации за контракции нагло престанала работата на срцето и изгубила и притисок. И покрај реанимацијата на анестезиолошкиот тим, не успеале да ја спасат и веднаш била внесена во сала за вадење на плодот.