Македонија
8. July 2022 - 16:48

Државните ревизори утврдиле неправилности за потрошени 96 милиони евра од државниот буџет

Кај 96 милиони евра кои државните институции ги потрошиле преку Јавни набавки констатирани се неправилности. Над 21 милиони евра институциите потрошиле спротивно на законите. Ова го покажува годишниот извештај на Државниот завод за ревизија за минатата година.

Но засега нема податоци кои се институциите кои најмногу трошеле пари спротивно на процедурите.

Меѓу 68-те ревизии кои ДЗР ги спроведе лани е и ревизијата за капиталните инвестиции каде се утврдени низа неправилности.

-Со извршената ревизија утврдивме неправилности во начинот на планирање на самите инвестиции, мониторингот и навременото искористување на средствата коишто се ставени на располагање за користење на капиталните инвестиции, а сето тоа предизвикува одредено одлевање на спорни трошоци од Буџетот на државата, како  последица на ненавременото искористување на кредитните средства, рече Главниот државен ревизор Максим Ацевски.

Ревизијата покажува дека цената на историскиот автопат Кичево – Охрид значително се зголемува преку петте анекси потпишани во периодот од 2018 до 2020 година. Ако првично беше планирано автопатот да чини 411 милиони евра, со сегашните анекси неговата цена изнесува речиси 600 милиони. Но ДЗР предупредува дека постои ризик доколку се продолжи рокот, тој да чини дополнителни 38 милиони евра.

Освен тоа, ревизорите констатирале дека задолжувањето на државата е на горната граница и е зголемено за 15 отсто. Дополнителен проблем е што нема Закон за управување со јавниот долг во време на криза.

Само лани Државната ревизија извршила 68 ревизии на 136 субјекти, а изготвени се 109 ревизорски извештаи. Годишниот извештај на ДЗР на 19 јуни ќе се најде пред прат.