Македонија
10. јуни 2021 - 19:44

Државниот завод за ревизија ги преброја дивоградбите во Охрид

Околу 3 илјади дивоградби во Охрид долж езерото и во Националниот парк Галичица, државните ревизори бараат да се отстранат но и да се спречи нелегалното градење.

Ревизорите констатирале дека охридската локална самоуправа не носела стратешки документи во врска со постапување со дивоградбите, во регистарот на поднесени барања за утврдување правен статус не биле наведувани локации, површина на објектите што се предмет на легализација и други важни податоци.

Во ревизорскиот извештај се истакнува дека изградбата на бесправно изградените објекти негативно се одразува на урбаниот развој и на зачувувањето на светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, а дека начинот на кој тие се легализирале, честопати не се одвивал според целите на законот. 

Евроамбасадорот Гир на својот твитер-профил напиша дека нема место за дивоградбите на крајбрежјето на Охридското Езеро и треба да се отстранат.

-(Уникатното природно и културно богатство што го поседува регионот – признаено од УНЕСКО – мора да биде заштитено. Заштитувајќи го наследството на Охрид сега, ние исто така инвестираме во работни места и унапредувањето на услужните дејности сега и во иднина), стои во пораката на Гир.

По ваквата објава охридскиот градоначалник Георгиески на Фејсбук упати јавна благодарност до амбасадорот на ЕУ за поддршката во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО и зачувување на природното и културното наследство на Охридскиот регион.

Објавувањето на извештај доаѓа откако Унеско предупреди дека Охридскиот регион може да се  најде на листата на загрозоени подрачја во кој како еден од главните проблеми што го загрозуваат статусот на Охрид се токму дивоградбите.