Македонија
21. October 2020 - 16:43

Државата нема да им помогне на заразените за купување лекови и суплементи за Ковид-19 иако листата ја даваат матичните лекари

Нема државна помош ни за најсиромашните корорна заразени за набавка на витамини и суплементи кои се неопходни за закрепнување од вирусот. Иако побаравме одговор, Сител не доби информација од надлежните дали државата размислува да рефундира цела или дел од сумата која граѓаните, а особено оние кои се социјални случаи ја трошат за оваа намена.

Според пресметката, едно лице заразено од ковид-19 треба да даде над 5000 денари за лекови и додатоци во исхраната кои треба да му помогнат во опоравувањето. Доколку во едно семејство има повеќе заразени трошоците се зголемуваат.

-Во однос на витамините и суплементите, како и за сите други лекови, ве известуваме дека Фондот ги покрива трошоците само за лековите кои се на Позитивна листа, без разлика дали тие се подигнуваат во аптеката или средствата за нив се побаруваат отпосле, преку рефундација. Ажурирање на Позитивната листа оди преку Комисија за позитивна листа, со строго определени критериуми и е долготраен процес. Витамините не се лек туку се суплементи - односно додатоци на исхрана, па така не би можеле да бидат ставени на позитивна листа, велат од Министерството за здравство.

Од ФЗО велат дека во аптеките во текот на октомври издадени се 15.700 рецепти за лекот сумамед и уште 4.000 паралелни генерички лекови од други производители. Оттаму велат дека нема недостаток на овој лек на пазарот. Доколку сумамед треба да купите на приватно, за две дози тоа ќе ве чини 920 денари.

Граѓаните се жалат и на скапите ПЦР тестови со оглед на тоа што не сите можат да добијат термин преку матичните зашто не одговарале согласно алгоритмот. На приватно ПЦР тестовите чинат од 4.000 до 12.000 денари.

Епидемиолошката слика во државата постојано се влошува, бројките на новозаразени во последните 10-тина дена енормно се зголемува. Во вакви услови граѓаните се повеќе ги чувствуваат економските последици од пандемијата. Според истражувањето на Фајненс Тинк, нови 100 илјади граѓани ќе живеат со помалку од 130 денари на ден. Коронакризата најмногу удри по младите и невработените лица.