Локалните власти во индонезискиот град Бандунг на западот од островот Јава мислат дека природата ќе може да им помогне на децата да се ослободат од зависноста од интернет и паметните телефони.
Поради тоа лансираа програма со која ќе се обидат децата да ги одвојат од паметните телефони така што им подаруваат кокошки и семиња чили за наместо да кучкаат, да се посветат на садење билки и грижа за споменатиот пердувест миленик.
За потребите на проектот во Бандунг, град на околу 150 километри оддалеченост од индонезиската престолнина Џакарта, во 10 основни училишта се поделени 2.000 кокошки и 1.500 семиња чили.
Градоначалникот Одед М. Даниал водел симболична церемонија на доделување на кокошки и семки чили и рече дека се надева дека овој потег ќе ја намали зависноста од електрониката кај децата, но додава дека е потребно време за просветарите да ги проучат резултатите од проектот.
Просечниот корисник на интернет во Индонезија онлајн поминува околу 8 часа и 36 минути што е дури два часа повеќе од светскиот просек според податоците од Глобал Дицџитал Рипорт 2019.
Дел од родителите го поддржува проектот на „кокошизација“, како што локалното население ја нарече програмата.
„Добро е што на овој начин се обидуваме да поттикнеме дисциплина кај децата. Грижата за растенијата и животните е многу поважна задача од играњето игри на интернет“, рече Елис Пури, една од мајките чии деца добија кокошки и семиња за да се грижат за нив.
Децата имаат различни планови со своите нови љубимци. Едно девојче во петто одделение рече дека има намера својата кокошка да ја спари со петел и да покрене бизнис со одгледување кокошки. Еден ученик од седмо одделение својата кокошка ќе ја храни се додека не биде доволно голема од неа да подготви вечера.