Бизнис
27. May 2020 - 16:43

Државата издаде еврообврзница вредна 700 милиони евра

Рекордно задолжување на државата од 700 милиони евра. Издадена 6-годишната еврообврзница со камата од 3,95%. Процесот го водеа реномираните институции Цити, Дојче банк, Есте груп и ЈП Морган. Владата бараше 800 милиони евра, причините зошто се одлучи да запише пониска сума, ќе се образложат најверојатно утре. Вчера Министерката за финансии Ангеловска и гувернерката Бежовска имале видео презентација пред заинтересираните инвеститори, наместо стандардното роуд шоу, кое беше пракса во минатото.

„Постапката е започната. Денеска се прават сите анализи подготовки и разговори и врз основа на тоа ќе имаме подетални информации. Јас очекувам да имаме успех“, изјави Оливер Спасовски

Парите од еврообврзницата ќе се трошат за покривање на буџетскиот дефицит и за поддршка на буџетот. Оваа и наредната година. А токму за зголемувањето на долгот денеска реагираше лидерот на опозицијата Мицкоски. Според него, само во првите 4 месеци од годината, секое семејство власта го задолжила за 25 илјади денари, а до крајот на годината, долгот ќе надмине милијрда евра и ќе биде двојно поголем.

„Кога зборуваме за долгот би сакал да потсетам дека обврските кои ги имаме по однос на заемодавателите од минатото, а до крајот на годината треба да се сервисираат во износ од прилика 30 милијарди денари или нешто помалку од 500 милиони евра. А, обврските по однос на  планираниот дефицит којшто Владата ќе го направи до крајот на годината, почнувајќи од први мај завршувајќи со 31 декември се нешто повеќе од 34 милијарди денари или нешто повеќе од 550 милиони евра што значи дека до крајот на годината се потребни околу 1 милијарда и 50 милиони евра за да бидат сервисирани обврските кон заемодавателите со цел задолжување заради раздолжување и обврските коишто треба да се сервисираат по основ на дефицитот којшто ќе го има буџетот до крајот на годината“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО ДПМНЕ.  

Инаку ова е 7 по ред еврообврзница. Првата беше издадена во 2005 година, вредна 150 милиони евра. Највисока камата од речиси 10% се достигна  во 2009, за време на  финансиската криза, а најниска, под 3% пред 2 години, кога задолжувањето изнесуваше половина милијарда евра.