Бизнис
30. July 2019 - 19:25

Државата дозволи колективен отстрел на диви свињи, како превентива од „африканска свинска чума“

Се зголемуваат мерките за заштита од африканска свинска чума. Министерството за земјоделство донесе решение за заловување на дивите свињи во земјава, како најчест преносител на болеста. Со оваа превентивна мерка ловната сезона започнува 60 дена порано од законски пропишаниот термин. Во земјава има околу 8.000 диви свињи. Но и покрај дозволеното заловување, дивечот нема да се сведе на биолошки минимум.

“Целта е со намалување на густината на популацијата на дивите свињи да се намалат и шансите за појава и ширење на оваа заразна болест. Министерството за земјоделство ќе предложи до Владата усвојување и на други мерки, како што се забрана за населување на дивата свиња во ловиштата и забрана за зимската прехрана на дивата свиња”, изјави Трајан Димковски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Надлежните уверуваат дека во земјава досега не е регистрирано присуство на африканската свинска чума. Но, ги зголемуваат превентивните мерки поради појавата на блиски жаришта во некои соседни држави. Ловечките друштва ќе реализираат организиран отстрел најпрво на граничните појаси со Србија и Бугарија.

“Апелираме до сите концесионери и ловци крајно сериозно да ја сфатат опасноста од оваа болест и нејзиното ширење и да се приклучат во реализирање на превентивните мерки за заштита”, порача претседателот на Ловечката федерација Влатко Алексовски.

Агенцијата за храна и ветеринарство веќе забрани увоз и транзит на свинско месо и добиточна храна од државите каде е утврдено присуство на болеста. Апелираат и до граѓаните да не внесуваат храна од животинско потекло во земјава.

Африканската свинска чума не ги напаѓа луѓето, но е високо заразна вирусна болест кај дивите и домашните свињи, која бргу се шири. Во моментов е присутна во Бугарија, Романија, Унгарија и други држави од Источна Европа. Болеста предизвикува големи економски штети и загуби во свињарството, не се лекува и не постои вакцина за заштита.