Македонија
12. January 2024 - 16:34

Државата да помогне стара градска болница да добие 5 операциони сали побара директорот

Стара градска болница не добива дозвола да изгради пет операциони сали над паркингот. Проблем прави Конзерваторскиот центар зошто зградата стара 93 години била заштитена како архитектонски објект. Според директорот пречка е топлиот премин од доградбата до зградата. Доктор Арсенков ја искористи посетата на Премиерот и министерот, сликовито им го покажа планот и побара нивна помош зошто салите биле неопходни, според светски стандарди и во интерес на пациентите.

-  Толку е голема функционалноста доколку ова би го направиле. Пет операциони сали со сите светски стандарди е спас за македонската хирургија, рече д-р Љубен Арсенков, директор на Клиниката Св. Наум Охридски.

- Кажете им на Конзерваторски дека и Лувр е слично споен, рече Премиерот Димитар Ковачевски.

- Ова е завршена работа... Нормално за средства е лесно одиш кај Премиерот и потпишува, он е многу дарежлив, рече Фатмир Меџити, министер за здравство.

Но, дали Владата ќе им излезе во пресрет на пациентите и на вработените во Стара градска за нови операциони сали ќе се знае по седницата на 23 месецов, за кога Меџити најави дека информацијата за овој проект ќе биде на дневен ред.

Од болницата информираат дека сегашните 4 сали се преоптоварени. Годинава во нив ќе бидат оперирани 5000 болни. А лани низ болницата поминуваат 120.000  пациенти.