Македонија
1. April 2024 - 19:44

Дополнителна заменичка во Финансии обвинува за незаконско ангажирање на лица во здравството во предизборие

Дополнителната заменичка министерка во финансии од ВМРО-ДПМНЕ обвинува за незаконско ангажирање на кадар со договор на дело во здравството во предизборен период. Елена Петрова во објава на Фејсбук тврди дека МФ пред 3 недели, спротивно на Изборниот законик обезбедило пари за 459 договорци во 35 Јавни здравствени установи со образложение за вработување на нов кадар за итни и неодложни работи во ЈЗУ иако таквите вработувања требало да бидат само на определено време преку јавен оглас.

- Според Изборниот законик, итни и неодложни работи се дозволени вработувања по распишување на изборите САМО ВО ТОЧНО ОПРЕДЕЛЕНИ СЛУЧАИ:  замена на отсутен работник поради подолго боледување или отсуство, смрт на вработен и сезонски работи. Дали 250-те медицински лица и 209 лица од друг персонал (преведувач, статистичар, дактилограф, општ работник и т.н.) се за замена на отсутни или починати вработени и за сезонски работи, прашува дополнителната заменичка во финансии и најавува дека ќе поднесе пријава до Антикорупциската комисија.

Од Министерството за здравство и одговорија на Петрова дека ангажманот на овие 459 лица со договор на дело бил согласно законот и за обезбедување на 24 часовна здравствена заштита во здравствените установи.

- Министерството за здравство ја информира заменик министерката за финансии во техничката влада Елена Петрова дека барањето за обезбедување финансиски средства на 459 лица со договор на дело во јавно здравствените установи е согласно член 8-а од изборниот закон и не е спротивно на Изборниот законик. Апелираме до заменик министерката да не го злоупотребува случајот во политички цели со ангажираните со договор на дело кои веќе неколку години работат во јавното здравство, велат од здравство.

Инаку поради изборите беа стопирани најавеното трајно вработување на 1117 договорци во здравството, а на голем дел од нив не им беа продолжени ниту договорите.