Донесени законските измени за придонеси за социјално и пензиско осигурување
Собранието на Република Македонија денеска во рамки на новото продолжение од 74. седница ги донесе измените на законите за придонеси од задолжително социјално осигурување и за пензиско и инвалидско осигурување.
Со измените се предлага одредбите од законите да почнат да се применуваат од 1 декември 2017 година. Со одредбите им се овозможува на индивидуалните земјоделци, кои ќе бидат класифицирани во три категории, да ги плаќаат придонесите по различни основици врз основа на остварениот приход на семејното земјоделско стопанство.
- Кај првата и втората категорија законот пропишува основицата за плаќање на придонесите да изнесува 20 проценти од просечно исплатената плата објавена во јануари тековната година според податоците од Државниот завод за статистика. За носителите на семејните земјоделски стопанства од трета категорија, основицата ќе изнесува 50 проценти од просечно исплатената месечна плата по работник во РМ, појасни вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, образложувајќи ги измените на Законот за задолжително социјално осигурување.
Класификацијата на носителите на земјоделските стопанства, како што посочи Ставрески, е направена во зависност од остварениот приход.
Пратениците го донесоа и Дополнетиот предлог на закон за вработување на странци со кој се уредуваат условите и начинот на кој можат да работат странците во државата, како и постапката за издавање на работни дозволи. Според законот, како што појасни заменик-министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибраими, странците мора да поседуваат дозвола за работа и да им е регулиран престојот во државата, а квотите на дозволи за работа на странци ќе ги утврдува Владата на предлог на Министерството за труд и социјална политика и на Агенцијата за вработување.
Поради одржувањето на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на која е закажана јавна расправа за Законот за пробација, пленарната седница е прекината до 15:30 часот. Во продолжението, како што најави претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, ќе бидат разгледани измените на Законот за постапување со бесправно изградени објекти и на Законот за градење, двата во скратена постапка. На дневен ред на седницата се и измени на закони од неколку области, како и информацијата за загадувањето поднесена од пратеници од опозицијата.
Ново на Сител
-
БДП со стапка на раст од 3,2 проценти во четвртиот квартал лани
-
Кривична пријава за фалсификување сертификат за познавање странски јазик
-
106 санкции за неправилно престигнување во текот на вчерашниот ден
-
Лихвари за 3 години изнудиле 9.715.000 денари од лице во Охрид
-
Тепачка, димни бомби, Брза помош - Хаос во српското Собрание | ВИДЕО
-
МАЕИ дел од изборната коалиција предводена од ДП на Бериша
-
Кривична за директор на основно училиште во Делчево
-
48-годишен мотоциклист загина во сообраќајка во близина на „Негорски бањи“