Македонија
18. January 2021 - 12:55

Дојран ја збогатува туристичката понуда

Со европски пари Дојран ги  збогатува туристичките содржини. Покрај езерото и природните убавини оваа сезона во понудата ќе влезат и  старата саат кула и турската бања. Се работи за едни од најзначајните културно историски споменици кои биле уништени за време на првата светска војна. Активностите за реставрација и конзервација веќе се започнати и според најавите треба да бидат готови до средина на годината. 

,, Сето ова значи враќање во првобитната состојба, онака како што било пред првата светска војна, знаете дека тие објекти се разрушени за време на првата светска војна. Сето тоа исконтролирано од страна на музејот Струмица, со конзерваторски одобренија, буквално со се онака како што наликува и ќе го вратиме на пример стариот дух на старото маало во Дојран.,, вели АНГО АНГОВ - ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА ДОЈРАН

Проектот предвидува и 512 метри пристапни патеки од  калдрма кои ќе водат до нив. За да се промовира Дојран како атрактивна дестинација и да се надополни имиџот на општината, ќе биде дизајниран и произведен сувенир во форма на автентична Саат кула во Стар Дојран и посебен леток за промоција на локалниот туризам кој ќе содржи информации за културното наследство на Дојран.

,, Создаваме нова содржина за посетителите, содржина која што мислам дека ќе ни создаде дополнителен простор за самите посетители. Овој проект ми е еден од фаворитите затоа што знам дека ќе предизвика бура на реакции и бура на посети од страна на посетителите. Ова се бараше многу одамна од локалното население затоа што Дојран навистина има културно историски споменици, но до сега не беа возобновени и не беа спремни за посета.,, вели АНГОВ

Проектот за обнова на културно историските споменици се реализира како дел од прекуграничната соработка со Бугарија. Средствата во висина од околу 250 000 евра се обезбедени од страна на ЕУ.