Бизнис
7. November 2019 - 13:05

Договорите доделени, достапни средствата за локалните акциски групи

Реконструкција на сместувачки капацитети, поставување урбана опрема за селекција на отпад, набавка на земјоделска механизација, поставување фотоволтаични системи, уредување на автобуски постојки и оградување на локалитетот Кокино, се само дел од најавените проекти што треба да ги реализираат локалните акциски групи (ЛАГ-ови) кои добија финансиска поддршка од државата.

Седум од вкупно деветте ЛАГ-ови кои ги исполнија условите за поддршка од Програмата за рурален развој и кои на располагање имаат 7,7 милиони денари, денеска во Министерството за земјоделство ги земаа договорите. Финансиската поддршка е неповратна и изнесува 100 проценти од планираната инвестиција.

-Од денеска, претставниците на сите девет ЛАГ-ови може да поднесат барање за авансна исплата на 40 отсто од вредноста на одобрените трошоци. Оние кои немаат потреба од средства, можат по реализација на инвестицијата да поднесат барање и да им биде исплатена вкупната сума. Сите активности треба да бидат спроведени согласно Законот за јавни набавки и по завршување на целиот процес да достават документација и барање за исплата на средствата, рече директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски по доделувањето на договорите.

Според министерот за земјоделство, Трајан Димковски, проектите на ЛАГ-овите ќе ги унапредат условите за живот во руралните средини, ќе го поттикнат развојот на економијата и ќе ја подобрат инфраструктурата.

-На овој начин директно ќе се влијае и врз зачувување на културните знаменитости, културното богатство, како и врз развојот на домашниот рурален туризам. Само со подобрување на условите за живот во сите делови од државата, може да обезбедиме рамномерен регионален развој, напомена Димковски.

Сашко Поповски од локалната акциска група Беласица – Огражден – Босилово – Василево најави два проекта: академија за претпримеништво што ќе ги едуцира младите како да отворат фирма и да развијат сопствен бизнис, како и социјална мрежа „руралммаркет.нет“ преку која малите, индивидуални земјоделци може да разменуваат производи.

Локалните акциски групи се највисока форма на здружување на граѓаните, општините и бизнис заедницата кои работат во интерес на сите. Во нив често се вклучени и земјоделски здруженјија, а целта е заедничко унапредување на заедницата. За креирање ЛАГ, мора да бидат вклучени најмлаку две општини, односно да биде опфатен поширок регион на делување.