Бизнис
20. September 2019 - 16:22

Доцнат измените во законот за извршители - се бара законот да важи ретроактивно

Иако требаше да се знае до крајот на август, Министерството за правда се уште нема одлучено кои од барањата на Здруженијата ќе бидат прифатени при носењето на новите измени во Законот за извршители. Оттаму кратко брифираат дека се уште не се знае што ќе се земе предвид, но велат дека веднаш штом ќе се договорат јавноста ќе биде информирана.

Здруженијата бараат Законот да важи ретроактивно, но и во отписот на каматите да бидат опфатени и банките и приватните фирми. Велат дека постојат луѓе кои зеле кредити пред повеќе од една деценија од банки кои пропаднале. За главнина од 300.000 денари им се бараат милион и 200.000. Бараат да се воведе и застарување на долговите, бидејќи постојат случаи кога се бара долг стар 25 години, и за кој не може да се докаже дали бил платен или не.

-Од објективни причини определена категорија на луѓе, знаете каква беше приватизацијата, преку ноќ луѓе остануваа без никакви приходи. Сега од каде да најдат за да платат. Таа категорија на луѓе е опфатена, што објективно не можеле да платат, а не бидејќи не сакале. Тие луѓе, немаат и од еднаш ги оптеретувате со ненормални камати. Мора да се најде решение и за приватните банки и приватните фирми. Не може од 1994 година да бараат наплата. Како ќе докажеш дека си платил или не?, вели Марјан Ристески од Иницијативата „Стоп за извршителите“.

Измените на Законот со кои се намали тарифата на извршителите по основ на долгови за комуналии и мали кредити се веќе во сила. Здруженијата обвинуваат дека извршителите ги процесирале предметите пред измените да влезат во сила за да ги наплатат по стариот, поголем тарифник. Извршителите, пак, се пожалија дека новиот тарифник ќе ги принуди да ги затворат канцелариите.