Македонија
21. September 2022 - 19:56

До утре ќе се знае новото предлог-референдумско прашање

Левица денеска ќе го утврдува прашањето, а во петок ќе ја поднесе иницијативата за референдум.

Како ќе гласи прашањето од партијата велат дека ќе објават по заседанијата на партиските органи, но тоа сигурно ќе биде поврзано со бугарските барања.

Правната основа ќе се бара во заклучоците што Собранието ги усвои за преговарачката рамка со Европската Унија, но ќе се избегне директно спомнување на Договорот со Бугарија, за спикерот Џафери да не го искористи истиот изговор да ја одбие и оваа иницијатива, како претходната поднесена од ВМРО-ДПМНЕ.

Токму овој чекор на Џафери, лидерот на опозицијата го оцени како преседан, но борбата на ВМРО-ДПМНЕ нема да запре се до уривање на Владата преку распишување на предвремени избори.

Ние поднесовме иницијатива која е согласно законот и Уставот. Еден човек во Парламентот се става над сите закони и над Уставот и креира преседан. Тој преседан многу скоро од денеска ќе стане пракса, а за да не стане пракса треба тој што го креирал тој преседан да одговара. И ќе одговара еден ден, бидејќи тој нема да биде вечно на тоа место, неговата партија нема да мести судии и обвинители, ќе биде многу скоро во опозиција и за неговите постапки тој човек ќе одговара, рече Мицкоски.

Минатата недела спикерот Џафери ја одби иницијативата за референдум на ВМРО-ДПМНЕ која се однесуваше на укинување на законот со кој се ратификуваше Договорот со Бугарија. Ставот на Џафери дека ова прашање е против Уставот кој не дозволува укинување на меѓународен договор преку закон, доби поддршка од владејачките партии, но наиде на остри критики од експертската јавност која сметаше дека Џафери нема право да ја оценува уставноста на иницијативата, туку само нејзината уредност.