Македонија
3. February 2023 - 16:39

До понеделник состав на нова Влада?

Премиерот Ковачевски денеска нема време за средба ниту со Таравари, ниту со Гаши. Но, вели, работните групи ги продолжуваат преговорите за влез на Алијанса во Владата. А како што вчера објави Сител, преговорите стигнаа до третиот ешалон, односно до распределбата на директорски места, иако официјално двете страни тврдат дека за распределба на кадри не се разговарало.

Сепак, Ковачевски не открива дали в недела ќе седне на маса со Таравари за комплетирање на новата владина коалиција.

-Денес нема да имам средба ниту со претседателот на Алијанса, Таравари, ниту со претседателот на партијата Алтернатива, Гаши. Јас денес во попладневните часови имам закажано телефонски разговор со висок претставник на Министерството за надворешни работи на САД, рече Ковачевски.

Ниту Алијанса не открива кога Ковачевски и Таравари ќе се сретнат, но велат дека до понеделник ќе знаат дали ќе станат дел од Владата или не.

Интересно е што независниот пратеник Скендер Реџепи кој излезе од пратеничката група на Алтернатива кога оваа партија влезе во Владата, сега не знае како ќе делува во иднина. Вели, имал понуди од повеќе партии, но прво ќе го чуел мислењето на своите гласачи од првата изборна единица, па дури потоа ќе донел одлука. За неизвесноста дали Алтернатива ќе остане дел од владината коалиција или не, Реџепи вели дека виновна е самата партија бидејќи не го искористила моментот кога беше неопходна за одржување на владиното мнозинство.

-Има мнозинство, меѓутоа, иако не ми е јасно зошто се проширува мнозинството, сепак е добредојдено како такво. Мнозинство од 80 пратеници нема да има, тоа ќе видиме отом-потом. Следствено, резултатот е таков што Алтернатива е доведена во неизлезна положба да одлучи и да се сочува честа и да оди надвор од власта или да биде дел од власта така понижен, вели Реџепи.

ВМРО-ДПМНЕ не ги коментира преговорите Ковачевски – Таравари. Но, според координаторот на пратеничката група, Мицевски, во моментот силите во Собранието се такви, што опозиционерите немаат потреба да го блокираат.

-Зголемување на мнозинство јас од почетокот на годината досега не видов. Парламентот не може да собере 61 пратеник за утврдување на дневен ред и почнување на одредена седница. Немаат 61 пратеник и затоа Собранието не работи, односно активната блокада на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, моментално е ставена во мирување. Сами себе се блокираат затоа што немаат 61 пратеник за работа во Собранието, вели Мицевски.

Преговорите Ковачевски – Таравари го ставаат во неизвесност делувањето на Алтернатива. Лидерот Гаши рече дека партијата е подготвена за распределбата на ресорите, а неофицијално, подготвени се да го отстапат Министерството за здравство, но за сметка на тоа да не се чепне ниту едно директорско место.