Македонија
23. May 2024 - 16:32

ДКСК бара одговорност од Габер, директорката на АСЈО тврди по одлуката на судот запрен е процесот на тестирање

Државната комисија за спречување на корупција бара одговорност од Габер Дамјановска и Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. До надлежните институции испратени се две иницијативи за утврдување на одговорност, за отворениот предмет за вработувањата на идните судии и обвинители среде избори.

Директорката на Академијата „Павел Шатев“ за Сител вели дека Антикорупциска има законска обврска да постапи. Но, како факт ја изнесува информацијата дека одлуката за одвивање на тестирањето била донесена од страна на Управниот одбор, уште во 2023 година, каде седат претставници на највисоките тела во правосудството, но и дека Акадмијата работела имајќи го предвид претходното мислење на ДКСК за истата работа.

„Откако беше донесена конечната одлука на Управниот суд, Академијата ја почитуваше одлуката и запре со процесот на тестирања. Значи никој не е вработен и АСЈО го почитува судот и принципот на владеењето на правотото. Верувам дека правосудните институции ќе дадат принципиелен одговор, при отсуство на дело“, изјави Габер Дамјановска за Сител.

Надлежните инситуции имаат рок од 60 денови да разгледаат и да постапат по иницијативите.

Антикорупциска и Академијата Павел Шатев, во неколку наврати ги соочија аргументите пред лицето на правдата. И Управниот и Вишиот управен суд донесоа одлука во полза на антикорупционерите, по што ги одбија жалбите на Академијта за судии и јавни обвинители. А спорот меѓу двете институции отпочна со приговорот на сегашната претседателка Силјановска Давкоја, која го вклучи црвениот аларм дека тестирањето и вработувањето е забрането додека трае изборниот процес.