Македонија
31. August 2022 - 11:40

ДИЖС во првото полугодие извршил 1 057 инспекциски надзори и изрекол 212 казни

Државниот инспекторат за животна средина во првите шест месеци од годинава јануари – јуни реализирале 1 057 инспекциски надзор од кои 692 редовни, 185 вонредни и 180 контролни инспекциски надзори.

Директорот на ДИЖС Сретен Стојковски, на денешната прес-конференција за презентација на полугодишниот извештај, посочи дека во периодот јануари-јуни 2022 година инспекциските служби утврдиле 233 неправилности, за кои се изготвени 212 решенија со кои се наредуваат или забрануваат одредени активности.

Во првите шест месеци примени се 66 претставки од граѓани, од кои 19 се однесувале за инспектори на ДИЖС,а 47 биле за комунални инспектори. Најчесто овие претставки се однесувале за управување со отпад, палење стрништа, димење, бучава, сечење градско зеленило…

– Во овој шестмесечен период инспекторите постигнале 15 спогодби, изрекле осум платни налози, 12 прекршочни и една кривична постапка. За овие мерки над 170 илјади евра од овие се легнати во буџетот на Министерството за животна средина, изјави Стојковски.

Тој рече дека ДИЖС се соочува со проблеми во функционирањето, појаснувајќи дека тоа се должи на недоволниот број инспектори – само 21 вработен инспектор, од 53 предвидени по систематизација, дека инспекторите имаат и потреба од две теренски возила, но и тоа што самиот инспекторат се наоѓа во привремено отстапени простории.

Во однос на претстојната грејна сезона и потенцијалното зголемено аерозагадување со горење несоодветни материјали, Стојковски рече дека домаќинствата се во надлежност за општинските инспекциски служби, додека во надлежност на инспектпроте на ДИЖС се поголемите индустриски објекти со А-интегрирана дозвола. Тој појасни дека, како и досега, инспекторите на ДИЖС ќе постапуваат и ќе го контролираат работењето на големите компании.