Македонија
13. October 2015 - 15:02

Директорите на ФЗОМ Стефаноски и Рамадани во посета на Хрватска

Директорите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани денеска се во еднодневна работна посета на Република Хрватска.

Како што информираат од ФЗОМ, Стефаноски и Рамадани имале средба со директорката на Фондот за здравствено осигурување на Хрватска, Татјана Пендја Трупец, на која било разговарано за продлабочување и унапредување на соработката помеѓу двата фонда, но и за зголемување на соработката помеѓу здравствените институции на двете земји за размена на кадар, специјализации и субспецијализациии на македонските лекари во хрватските болници.

Стефаноски и Рамадани во оваа пригода поканиле хрватски лекари да дојдат во Македонија и да работат на воведување нови методи со македонските колеги. 

На средбата станало збор и за правото на итна и неопходна здравствена заштита на осигурените лица од Македонија кои од различни причини претстојуваат во Хрватска.

 Стефаноски на средбата разговарал за модалитетите на примената на двојазичниот образец, кој на осигурениците на Фондот за здравство на Македонија им служи како привремена здравствена легитимација во Хрватска и на основа на истиот тие можат да користат итни и неопходни здравствени услуги и за истите ќе треба да платат само лично учество (партиципација), болнички ден или слично доколку во Хрватска, согласно нивните закони, така е предвидено.

Рамадани, како што е наведено во соопштението, информирал за степенот на успешност на здравствени услуги во здравствените установи за одредени лекувања во Република Македонија.

Директорката на хрватскиот Фонд за здравство, Пендја Трупец изразила подготвеност за унапредување на соработката во сите сфери на здравството, информирајќи ја притоа македонската делегација за новините и проектите што ги преземаат во Хрватска.

Во рамките на работната посета на Хрватска, Стефаноски и Рамадани го посетиле  клиничкиот центар „Ребро“ каде оствариле средба со Хрвоје Врчич, директор на клиничкиот центар со кого разговарале за можноста македонски лекари да се едуцираат во овој центар.

Стефановски и Рамадани го посетиле и клиничкиот центар „Дубрава“, каде оствариле работен состанок со Марко Банич, директор на клиничкиот центар, со кого разговарале за зголемена соработка со македонските здравствени институции.

Македонската делегација го посетила и клиничкиот центар „Меркур“, каде се сретнале со др. Динко Шкегро, директор на центарот со кого разговарале за можноста за размена на искуства и кадар.

- Сфера на интерес на посетата на македонската делегација е и соработката со Клинички центар Загреб, која започна во февруари 2015, каде се реализираат специјализации и супспецијализации на македонски лекари. Во тек се реализираат следниве спцијализации: специјализација по анестезиологија и интезивно лекување, специјализација по абдоминална хирургија, специјализација по гастроентерологија, две специјализации по кардиологија. Започнати се и супспецијализациии од областа на кардиохирургија. При крај се активностите за завршување со административната процедура супспецијализација по интервентна кардиологија; специјализација по детска хирургија. Исто така се побарани согласности и ментори од КЦ Загреб за специјализација интерна медицина (за интервентна кардиологија) за македонски доктори, се вели во соопштението.

Од ФЗОМ посочуваат дека се реализирани вкупно шест едукации и тоа во Клинички центар Загреб, КЦ Ребро Загреб, Центар за лимфна дренажа Загреб. На средбите, ккао што се додава во соопштението, било договорено соработката да продолжи и понатаму со размена на информации и искуства што ќе придонесат за понатамошно унапредување на здравствениот систем.