Македонија
8. April 2024 - 16:33

Дипломати садеа дрвца во првиот инклузивен парк во Гевгелија

Претставници од дипломатскиот кор во Македонија се вклучија во уредувањето на првиот инклузивен парк во Гевгелија. Амбасадорот на Словенија, сопругите на амбасадорите  на Полска и Словачка  како и полскиот конзул заедно со членови од повеќе здруженија на лица со попреченост и нивните родители учествуваа во хортикултурното уредување на паркот чија цел е да го ревитализира урбаниот простор во дворот на пионерскиот дом во Гевгелија. Паркот треба да поттикне инклузивност и пристапност на сите жители од оваа општина без разлика на нивната попреченост.

Со овој проект кој започна да се реализира пред неколку месеци ќе се оплемени површина од 2000 м2 и  треба да овозможи  еднаквост при користење на овој простор за лицата со попреченост и останатите корисници преку инклузивни реквизити за седење, игра, сензорни елементи и слично.

Паркот  е проект на фондацијата Ице Бегов кој се реализира со поддршка на локалната самоуправа и програмата за развој на заедницата, имплементирана од Мрежа за рурален развој, финансиран од УСАИД, како и донатори компании од бизнис секторот. Целиот проект чини околу 4 милиони денари. Во изминатите 18 месеци, колку што постои Фондацијата Ице Бегов која е формирана  во чест и спомен на лице со попреченост има реализирано 11 успешни проекти во кои беа вклучени над 1000 лица со попреченост.