Loading Video...
Македонија
2. October 2024 - 19:54

„ДИГИТМАК“: Нов центар за поддршка на дигиталната подготвеност на бизнисите

15% од приватните фирми се уште не користат интернет, а останатите 85% користат, ама не им се целосно дигитализирани процесите внатре. Според министерот за дигитална трансформација, постои недостиг на финансирање оти Фондот за иновации во последните 7 години наместо да финансира технолошки развој, плаќал за рецепти за пица.

Тој денеска присуствуваше на промоцијата на „ДигитМак“ – дигитален центар за иновации кој ќе овозможи посилна дигитална подготвеност на бизнисите.

„Мислам дека не постои доволна свесност што е процесот на дигитализација и што значи за малите и средните компании. Задача на ваквите иновациски хабови, на високообразованите институции и наша задача како Министерство ќе биде да им помогнеме на бизнисите да дознаат кои се овие процеси, а потоа и да најдеме методи на финансирање“ - Стефан Андоновски, Министер за дигитална трансформација.

Платформата ќе се користи за проценка на потребите за дигитализација на малите и средните претпријатија, пристап до финансии, но и до специјализирани лаборатории во кои ќе се тестираат нивните идејни решенија.

Дополнително, преку Европската мрежа за претприемништво, центарот ќе нуди можност за вмрежување во цела Европа, вели деканот на ФИНКИ.

„Првото што ќе го добијат компаниите е проценка на нивното ниво на дигитализација и на нивните можности за дигитализација во рамките на користење на основното ниво на дигитализација, но и на напредните технологии од областа на DeepTech сферата како вештачката интелигенција и слични области, по што ќе се направи план, стратегија и ќе им се помогне како да стигнат до средства за финансирање за да може да го поддржат тој процес на дигитализација“ - Боро Јакимовски, Декан на ФИНКИ

ДигитМак е Основан од УКИМ, Стопанската комора, Бизнис акцелератор УКИМ, како и Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување.