Македонија
30. May 2020 - 19:29

Дезинфекција, дистанца и заштита како услов за работа на образовните институции

Честа дезинфекција, физичко растојание и маски. На овие 3 работи генерално се сведени протоколите според кои во иднина ќе функционираат градинките, факултетите, основните и средните училишта.

Според одлуката на Владата пред да се отворат воспитно образовните установи треба убаво да бидат исчистени и да се обезбедат доволно маски и ракавици за вработените кои пак имаат обврска редовно да го следат сопственото здравје и здравјето на децата. Само еден родител да го носи и зема детето од градинка во утврденото време и да носи заштитна маска. Децата да седат и спијат на растојание од најмалку 1,5 метар. Групите до 2 годишна возраст да има максимум 6 деца, а оние до 10 години за згрижуваат до 15 деца. И во двата случаи да има по 2 воспитувачки кои не треба да им дозволуваат на децата да споделуваат храна. На вработените им е забрането групирање во заедничките простории, а на децата колективни игри во дворовите.

При запишувањето на првачињата кое е предвидено во јуни, треба да има пауза од 20 минути меѓу термините за разговор со децата. Сите возрасни во просторијата треба да носат маски и ракавици и да се врши честа дезинфекција.

Идните средношколци ќе можат да се запишуваат  од 7 до 19 часот. При уписот треба да носат заштитна опрема и да чекаат на растојание од 2 метри. Редарите нема да пуштаат родители во училиштата.

Студентите пак без маска и ракавици нема да можат да полагаат испити и треба да седат на растојание од 2 метри. Меѓу термините за усмено полагање мора да има пауза од најмалку 10 минути.