Македонија
13. September 2016 - 16:08

Детално објаснување - Што значат степените според Рихтер?

 
Вака изгледа описно дванаесетстепената сеизмолошка MSK скала за интензитетот на земјотресите:
 
1^o – Незабележителен земјотрес, го регистрираат само сеизмолошките апарати, луѓето не можат да го почувствуваат.
2^o – Многу слаб земјотрес, го чувствуваат само исклучително чувствителните лица доколку се во состојба на мирување.
3^o – Слаб земјотрес, го чувствуваат повеќето жители во состојба на мирување.
4^o – Умерен земјотрес, го чувствуваат повеќето жители, луѓето се будат од сон, а мебелот благо се протресува, проследено со ѕвецкање на прозорите и стаклените предмети.
5^o – Јак земјотрес, го чувствуваат сите, висечките предмети се занишуваат, часовниците со клатно застануваат, помалите предмети се поместуваат или превртуваат.
6^o – Застршувачки земјотрес, делува застрашувачки, така што во случај на ваков земјотрес и сите посилни од него, доаѓа до појава на паника кај населението. Делови од мебелот се превртуваат, сликите паѓаат од ѕидовите. Помалите ѕвона во црквите се занишуваат и почнуваат да ѕвонат. На куќите настануваат помали штети, само кај малтерот.
7^o – Штетен земјотрес, нанесува оштетувања на објектите, кршење на керамидите, паѓање на оџаци. Во одредени услови предизвикува активирање на свлечишта.
8^o – Многу штетен земјотрес, предизвикува значителни оштетувања на објектите, одрони на карпи, се јавуваат промени во издашноста на изворите, се менува нивото на водата во бунарите, се јавуваат пукнатини во земјиштето.
9^o – Разурнувачки земјотрес, предизвикува толкави штети што преку 50% од куќите кои не се асеизмички градени се онеспособени за живеење. Се појавуваат чести одрони, свлечишта и големи пукнатини на тлото. Често доаѓа до кинење на подземните инсталации.
10^o – Уништувачки земјотрес, ушиштува преку 75% од зградите, на земјиштето настануваат крупни пукнатини од кои излегува песок и мил, се менува нивото на вода во езерата.
11^o – Опустошувачки земјотрес, значително ги оштетува сите градежни објекти и предизвикува големи промени на тлото.
12^o – Катастрофален земјотрес, го уништува или потполно го менува релјефот, се затрупуваат езера и реки, настануваат нови водопади, а тлото се бранува.
 
Како дообјаснување: Oваа MSK скала (Медведев, Спонхауер, Карник) е модификација на скалата на Меркали, Канкани и Зиберг и е еквивалент на скалата што се користи денес – Европската макросеизмичка скала.
Таа е показател за интензитетот на земјотресот и е описна, во смисла на тоа како луѓето ја чувствуваат силата на земјотресот, што е релативно, бидејќи зависи од оддалеченоста на епицентарот и длабочината на земјотресот – хипоцентарот, но и многу поразлично од магнитудата (ослободената енергија во центарот на земјотресот) која, пак, се мери по Рихтер на деветстепена скала.
 
И уште нешто многу битно. “Само еден степен разлика”, не е САМО еден. Рихтеровата скала е логаритамска, што значи еден степен разлика значи 10 пати поголема енергија, што, пак, значи земјотрес со магнитуда од 5^o ослобува 100 пати повеќе енергија од оној со 3^o, на пример!
 
Од книгата Геологија на д-р Ненад Бањац