Живот
17. July 2022 - 16:34

Десетто издание на „Смотра“ во Битола

По примерот на светските метрополи, културно-уметничките настани од центарот да се пренесат во необични и запоставени делови од градот. Тоа е целта на Фестивалот на електронска музика СМОТРА во Битола кој веќе десет години по ред се одржува на места каде што има минимални услови како што се: запуштени фабрики, подземни гаражи, рурални средини, места кои што му даваат ново значење на зборот забава.

- Досега сме го организирале на локации кои за обичниот човек се тотално неатрактивни, но ние гледаме убавина во запуштени фабрики и мислиме дека има голем потенцијал да преминат во мултимедијални центри. Настанот го збогатуваме со осветлување, видео проекции, уметнички дела се промовирале, на секој начин да се искористи просторот, вели Иван Литовски, Асоцијација 615.

Јубилејното 10-то издание се одржа во улицата на занаетчиите во Старата битолска чаршија.

-Оваа улица има посебен шмек, улица на занаетчиите, ни се допаѓа архитектурата во битолската чаршија, која има потенцијал за вакви настани. Супер идеја да се децентрализира забавата од Широк Сокак тука во старата чаршија, како што е пракса во поголемите метрополи, историските улици ги користат за културно-уметнички настани, вели Литовски.

Смотра е повик за акција и токму затоа и фестивалот е наречен така со повик до младите да дојдат и да се дружат на вакви необични локации.