Македонија
26. November 2021 - 17:53

Десет дена гори депонијата во Крушево

Скоро 10 дена гори депонијата во Крушево, а надлежните служби и покрај напорите не можат да ја изгаснат. Велат дека депонијата сега може да се изгасне само ако падне дожд или снег. Чад и неподнослива миризба се шират насекаде во градот. Надлежните се сомневаат дека честите пожари на истата настануваат поради што таму се фрла и пепел во кој најверојатно се уште има и жар.

„Не може да се изгасне, иако цистерните секој ден доаѓаат тука и ја наводенуваат депонијата, но тоа е површина во стрмниот дел на планината каде што се запали и таму цистерните ниту имаат приистап да отидат поблиску до местото каде гори. Единствено ќе се изгасне ако заврне дожд повеќе време, друго за жал нема“, вели Даница Кондоска, раководител на комунална хигиена.

Депонијата се наоѓа во планински дол и нејзината локација е комплетно несоодветна. Од Општината велат дека лани платиле незјнино попрскување со одредени хемиски средства кои спречуваат пожари, но велат дека општината нема пари секоја година да го прави тоа. Трајното решение го гледаат во отворање на регионална депонија на пелагонскиот плански регион.

„Ние ја поднесовме иницијативата и сега треба да се направи физибилити студија каде точно би се направила таа регионална депонија. И после треба да се утврди како секоја општина ќе го одведува сметот, на кој начин и во кои денови. Сето тоа треба да биде направено со соодветен проект, кој чини доста пари“, истакна Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Крушевчани се надеваат дека денешниот дожд можеби ќе ја изгасне депонијата, во спротивно пак се надеваат дека државата ќе понуди соодветна помош за овој случај.