Македонија
23. October 2020 - 8:44

Денот на македонската револуционерна борба се одбележува под посебни услови поради пандемијата

Во земјава денеска се одбележува 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, кој е прогласен за државен празник и неработен ден за сите граѓани. Годинава, поради пандемијата со Ковид-19, одбележувањето ќе се одржи со запазување на протоколите за спречување и заштита од коронавирусот, односно со носење на заштитни маски и одржување на соодветно растојание.

Според најавите, ќе биде положено цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев во Скопје и во Спомен куќата на Петар Поп Арсов во Богомила.

Пред споменикот на Гоце Делчев цвеќе ќе положи владина делегација составена од заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски, заменик министерот за култура Седат Сулејмани и националниот координатор за воени и полициски ветерани Стојанче Ангелов и собраниска делегација во состав Марија Георгиевска и Жаклина Пешевска.

Во Богомила, во Спомен куќата на Петар Поп Арсов цвеќе ќе положи министерката за култура Ирена Стефоска и националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозоски, како и пратениците Ненад Коциќ и Игор Здравковски.

На 23 октомври 1893 година во куќата на Иван Хаџи Николов во Солун, Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Ботанџиев беше формиран Македонскиот револуционерен комитет од кој подоцна произлезе Внатрешно македонската револуционерна организација (ВМРО) или Внатрешно македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО). Организацијата се бореше за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош однадвор. Со тоа почна организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903, Крушевската Република и преку НОВ, резултира со создавање самостојна македонска држава.