Денеска средба Ердоган – Мицотакис во Анкара
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска е во работна посета на Анкара и попладнево ќе сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јави дописничката на МИА од Атина.
Во пресрет на посетата на Мицотакис на Турција, што воедно е и возвратна средба по посета на Ердоган на Атина во декември минатата година, и грчкиот премиер и турскиот претседател ја истакнаа потребата да постои комуникација меѓу двете страни и дијалог со цел продлабочување на билатералните односи и покрај несогласувањата кои постојат за одредени прашања.
Турскиот претседател во вчерашното интервју за грчкиот весник „Катимерини“ порача дека Турција и Грција, не делат само иста географија, туку и многу заеднички елементи со историска димензија, но и дека иако постојат прашања за кои не се согласуваат двете земји, сепак, не е мал бројот на прашања за кои можат да се согласат.
Истакна дека „целта е едноставна: решавајќи ги проблемите да го зацврстиме нашето пријателство и да го подигнеме нивото на нашите билатерални односи на историски високо ниво“.
-Зборувајќи отворено и храбро за сите прашања можеме да направиме чекори во правец на решение. Одложувањето не ги решава проблемите. Неопходно е да се надминат со храброст и да се покаже волја за решавање, истакна Ердоган.
Додаде дека потребно е да ги олабават односите меѓу двете земји, „кои се обидуваат да се притиснат меѓу два ѕида и да се срушат тие ѕидови кои се полни со предрасуди“.
На прашањето кој бил најдобар, а кој најлош момент во грчко-турските односи во изминатите години колку што е на власта, Ердоган вели дека „најниската точка“ е одлуката на Грција „да ги заштити и засолни терористите“ по обидот за пуч во 2016 година, а „најдоброто ниво во односите е Атинската декларација“, што ја потпишаа двете земји во декември минатата година.
-Оваа декларација го означи почетокот на новата фаза во нашите односи. Секако, ова не го сметаме за доволно и работиме за да стигнеме на подобро ниво. Верувам дека оваа декларација ќе биде основа на новите грчко-турски односи и се надевам дека ќе достигнат нови нивоа – рекорди, истакна Ердоган.
Грчкиот премиер во саботата во интервјуто за телевизијата „Алфа“ ја истакна потребата да постојат отворени канали со Турција, но и дека подобро е да разговараат, отколку да се со прстот на чкрапалото.
-Од географијата сме осудени да се обидуваме да наоѓаме решенија и да гарантираме мирен соживот без непотребни тензии, како оние што за жал ги имавме три години, а работите се чини дека се избалансиранι од почетокот на минатата година и се чини дека грчко-турските односи влегоа во помирни води и според тоа, не треба да биде толку голема вест тоа што две соседни земји имаат комуникација и лидерите, турскиот претседател и грчкиот премиер се сретнуваат редовно, рече Мицотакис.
Објасни дека постојат различни позиции од двете страни за разликите, истакна дека Грција нема да отстапи од црвените линии, секогаш водејќи се од меѓународното право, но и потенцираше дека тоа што за одредени прашања постојат несогласувања, не значи дека не треба да разговараат.
За одлуката на турските власти манастирот Хора да го претворат во џамија, Мицотакис рече дека беше „непотребен и во одреден степен провокативен чин“, посочи дека ќе биде една од темите за кои ќе разговара со Ердоган во обид да разгледа дали може да се повлече одлуката и истакна дека не е прашање што се однесува само на грчко-турските односи бидејќи манастирот Хора е споменик на светското културно наследство.
Мицотакис и Ердоган на нивната последна средба на почетокот на декември минатата година во Атина потпишаа заедничка Декларација за пријателство, но и низа меморандуми за соработка меѓу Грција и Турција.
Ново на Сител
-
Сакал да пренесе сопатник без документи преку граница - Уапсен маж на ГП Богородица
-
64 годишен скопјанец кој исчезна пред 10 дена пронајден мртов
-
Девизните резерви во октомври зголемени за 568,9 милиони евра
-
Кривична пријава против 66-годишник за демнење на началник во ОВР Неготино
-
Илиоски со златен медал на Европското кикбокс првенство во Атина
-
Кремљ: Путин е подготвен да разговара за Украина со Трамп, но не ги менува своите барања
-
Народна банка: Се очекува забавување на инфлацијата и во следните години
-
Гробница првпат отворена по 2500 години, презентирани вредните наоди откриени во охридско-струшкиот регион