Балкан
8. January 2020 - 8:36

Денеска отворање на „Турски тек“

Со свечена церемонија денеска во Истанбул ќе биде отворен гасоводот „Турски тек“, кој ќе го транспортира рускиот гас во Турција и преку Турција во Европа, јави агенцијата Анадолија.

На церемонијата што ќе се одржи во Конгресниот центар „Халич“ се очекува да присуствуваат претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и рускиот претседател, Владимир Путин.

Градежниот процес на гасоводот „Турски тек“, што се состои од две линии од 935 километри кои се протегаат од рускиот град Анапа до турскиот град Кијиќој, е завршен. Компресорската станица „Рускаја“, која се наоѓа во Анапа, и терминалот „Кијиќој“, исто така, се завршени, информира агенцијата.

Гасоводот „Турски тек“, кој директно ќе го пренесува рускиот гас во Турција, од 31 декември 2019 година е подготвен за проток.

Секоја линија на гасоводот „Турски тек“ одделно има капацитет од 15,75 милијарди кубни метри гас, што претставува вкупен капацитет од 31,5 милијарди кубни метри гас. Првата линија ќе обезбедува проток на гас за Турција, а од втората линија, што има ист капацитет, гасот ќе се пренесува во Европа.