Балкан
22. јуни 2021 - 10:19

Дендиас: Грција разгледува евентуално кривично гонење на одговорните за киднапирањето на летот на Рајанер

Грција, според шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, ја разгледува можност кривично да ги гони одговорните за принудното слетување на авионот што леташе од Атина за Вилнус, а во кој беше Роман Проташевич и беше уапсен во Минс, јави дописничката на МИА од Атина.

-Не го заборавивме прашањето со киднапирањето на авионот на Рајанер. Грција, со оглед на тоа дека авионот замина од Атина за Вилнус, разгледува дали треба да започне кривично гонење против одговорните, рече Дендиас за Јуроњуз на грчки јазик, по завршувањето на состанокот за надворешни работи на ЕУ.

Дополнително, објасни дека одлуката на Унијата за Белорусија не е против економијата, туку против режимот, а ЕУ се обидува да покаже дека го поддржува белоруското општество за враќање на демократијата во земјата.