Балкан
24. October 2019 - 15:59

Дендиас: Грција има стратешки интерес на Западен Балкан

Грција има апсолутен стратешки интерес на Западен Балкан и ќе постапи соодветно, ова нема да го оставиме на случајност, вели министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас во интервјуто за грчкото радио „Параполитика“ и додава дека по одлуките на ЕУ, земјата „нема да остане ниту слаба, ниту молчелива, ниту рамнодушна“, jави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија рече дека тие зборуваат конкретно со сите што се инволвирани, веднаш по одлуката разговарал со неговиот македонски колега Никола Димитров и истакна Грција ќе продолжи контактите.

-Разговараме со нашите европски партнери, разговараме со Германците, ќе се обидеме сето ова да го ставиме во рамките на една европска перспектива и во наш заеднички интерес, заштитувајќи ги легитимните интереси на Грција, без разлика дали тоа е ерга омнес или се „trade marks“ што се однесуваат на нашите компании, без разлика дали тоа е нашата традиција или било што друго што се однесува на легитимниот интерес во регионот и во нашите односи со овие држави, рече Дендиас.

Говорејќи за Договорот од Преспа, шефот на грчката дипломатија објасни дека „Нова демократија не беше против договор, беше против конкретни одредби на конкретниот договор“.

-Ние не велиме дека не требаше да се постигне договор, не велиме дека не сме задоволни со промена на името на Северна Македонија, секако ќе префериравме да не се вика воопшто Македонија, но во секој случај ова е нешто што беше кажано. Но, велиме дека можеше да се постигне еден подобар договор, истакна шефот на грчката дипломатија.

Дендиас објасни дека тие како влада сега треба да ракуваат со реалност создадена од претходната влада во однос на Договорот од Преспа. Рече дека имаат единствена алатка што има и еден предуслов: пристапниот процес.

-Преку пристапниот процес би можеле да го постигнеме она што наводно го доби претходната влада, бидејќи ако го имаше напишано правилно, немаше преку пристапниот процес, да се бориме и исто така, да постигнеме и толкување на овој договор на начин корисен за грчките интереси. Без тоа да значи дека ние не се стремиме кон зацврстување на северниот сосед, на Северна Македонија. Грција има стратешки интерес од постоењето на Северна Македонија. За ова сме согласни. Ние сакаме да постои оваа мала држава, сакаме да просперира, сакаме да бидат наши пријатели, но не под услови што ги навредуваат хеленизмот и нашата национална традиција и нашите интереси, рече Дендиас.

Тој објасни дека алатката, односно пристапниот процес Грција ја дала, но понатаму зависи и „од тоа дали ќе се согласат Французите, Холанѓаните или кои било други“.

Министерот за надворешни работи на Грција вчера беше во посета на Ватикан и се сретна со Папата Франциск, а разговарале како за миграциското прашање, така и за Западен Балкан.

– Она што нè интересира е огромното искуство на Ватикан и ставовите и влијанието што го има во специфични области. И не кријам дека постоеше и специфична тема за дискусија што се однесуваше на поширокиот дел на Западен Балкан, а особено на земјите како што се Босна и Херцеговина и Хрватска, каде Ватикан има корени, ставови и веројатно ќе започне иницијатива во следните месеци, рече Дендиас, пренесе МИА.

Во интервјуто за „Параполитика“, шефот на грчката дипломатија откри дека на 6 ноември ќе се сретне со неговиот руски колега Сергеј Лавров во Москава.