Ден на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј
Со повеќе настани под мотото „Писмото е нашиот универзум“ денеска во земјава се одбележува Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, кои се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.
Чествувањата на сесловенските просветители почнаа вчера со свечена академија во Филхармонија и концерт во црквата Св.Софија во Охрид.
Денеска, пак, во хотел „Инекс Олгица“ ќе се одржи панел дискусија „Македонскиот јазик во словенскиот свет" на која воведен збор ќе има премиерот Димитар Ковачевски, по што ќе биде положено цвеќе пред споменикот на светите Кирил и Методиј на плоштадот во Охрид. Меѓу другите и делегација на Собранието, предводена од потпретседателот Горан Мисовски, во состав Жаклина Лазаревска, Лазе Таневски и Лидија Петкоска, претпладне ќе положи венец свежо цвеќе на споменикот на „Св. Кирил и Методиј“ на плоштадот во Охрид.
Централната свеченост по повод одбележувањето на 24 Мај - Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј, е напладне на Плаошник.
Светите Кирил и Методиј иако имаат и посебни празници на денот на нивното упокојување, Црквата одредила и заедничко празнување на 24/11 мај. На почетокот Црквата одделно го празнувала споменот на двајцата браќа, на деновите на нивното упокојување Св. Кирил на 27/14 февруари и на Св. Методиј на 19/6 април, но подоцна се увидела потреба за нивен заеднички празник. Родени се во Солун, во семејство на висок византиски службеник. Татко им Лев бил помошник на командантот на Солунската област, а мајка им Марија потекнувала од угледна фамилија.
За двајцата браќа најважна е Моравската мисија, којашто е важна и за иднината на сите Словени. Иницијатива за оваа мисија дал моравскиот кнез Ростислав кој за да ја стабилизира својата држава на политички план преземал мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Замолил да му испратат луѓе кои божјото слово ќе го проповедаат на разбирлив словенски јазик. Уште барал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим. Но, и Византија имала свој интерес па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. Тие мисионери биле Кирил и Методиј.
Тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата), за првите преводи од грчки на словенски јазик Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината. Кирил починал во Рим на 27/14 февруари 869 година и денес неговите мошти почиваат во римската црква „Свети Климент“. Методиј починал на 19/6 април 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград. По смртта на Методиј неговите ученици останале без заштита. На Горазд му се губи трагата, некои од учениците биле продадени како робови, други протерани на југ. Светите Климент и Наум делото на своите учители го продолжиле на брегот на Охридското Езеро во древниот град Охрид. Во согласност со Законот за празниците во земјава, 24 Мај - Денот на сесловенските просветители браќата Кирил и Методиј е државен празник и неработен ден за сите граѓани.
Ново на Сител
-
Ибрахимовиќ: Се чувствувам поврзан со Милан и сакам да направам големи работи со овој тим
-
Министерство за спорт: Поништени решенијата за дејност на ЖРК Скопје и ЖРК Гевгелија
-
Атаман и се закани на Евролигата: Внимавајте што правите, Панатинаикос може да оди во НБА лигата
-
Роналдо: Разочаран сум од оние кои одбиваат да играат за Португалија
-
„Вратете го детето ќе ви дадам пари“, напишал таткото на Вања во родителска вибер група па ја избришал пораката
-
Турција доби понуда од БРИКС да стане земја партнер во организацијата, изјави турскиот министер за трговија
-
Утре облачно со врнежи од дожд, кои на некои места ќе бидат пообилни
-
Лишен од слобода криминалец баран со потерница за казна затвор од 20 години