Македонија
15. September 2017 - 12:48

Ден на пензиска свесност: Неоподна е поголема информираност за капитално финансирано пензиско осигурување

Потреба за поцелосно информирање на граѓаните за значењето на капитално финансираното пензиско осигурување, што се случува со средствата на членовите од вториот пензиски столб, кое е значењето на вложувањето во третиот доброволен фонд, како и потреба од ажурирање на податоците на членовите од пензиските друштва со цел навремено да добиваат информации, констатираа учесниците на денешната конференција што се одржа во Скопје по повод 15 Септември – Денот на пензиска свесност.

- Она што ние како Влада го увидовме е дека јавноста нема доволно информации што се случува и што значи капитално финансирано пензиско осигурување. Токму затоа сите заедно треба да работиме јавноста да биде детално информирана затоа што ако младите не знаат зошто инвестираат или што значи инвестицијата во вториот пензиски столб, не знаат да ја пресметаат пензијата од инвестицијата која денес ја прават навистина имаме голем проблем бидејќи тие ќе се соочат со непланирани работи кога ќе се пензионираат, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Во изминатите три месеци, додаде таа, се работи на унапредување на квалитетот и развојот на модели за постабилен пензиски систем. Затоа, додаде, формиран е и Совет за пензиско осигурување во кој членуваат претставници од надлежни институции, коишто се состануваат еднаш месечно да дискутираат за предизвиците со кои се соочува земјата во оваа област и да бараат и изнаоѓаат решенија за добробит на сегашните и на идните пензионери.

За стабилен пензиски систем, рече Царовска, потребен е економски развој што ќе доведе до зголемување на платите и одржливост на работните места, но и постојана грижа за уплатите на пензиските придонеси и нивно разумно инвестирање.

Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) Булент Дервиши, истакна дека Агенцијата констатирала дека голем дел од граѓаните членови на вториот и третиот пензиски столб ги немаат ажурирано податоците поради што, како што истакна, е потребно тие да ги достават новите податоци за место на живеење каде ќе можат да им бидат испраќани податоците за тоа што се случува со нивните средства инвестирани во пензиските друштва.

Секоја година, рече, пензиските друштва треба до нивните членови да доставуваат зелен плик во кој се наведени информации за состојбата на средствата каде се инвестираат за остварените добивки и поради тоа, како што рече, е потребно членовите да ги ажурираат податоците за да можат тие информации да ги добијат.

Капитално финансираното пензиско осигурување е воведено во 2006 година. Во двете пензиски друштва членуваат 447.000 граѓани во вториот пензиски столб, а 23.427 во третиот или т.н. доброволен пензиски столб.