Свет
25. July 2016 - 8:40

Демократската партија на САД ја отвора национапната конвенција

Демократската партија ја отвора денеска националната конвенција во американскиот град Филаделфија, на која официјално ќе бидат претставени кандидатите за претседател и заменик-претседател на изборите во САД.

Конвенцијата, на која поранешниот државен секретар Хилари Клинтин ќе биде објавена за кандидат на демократите за Белата куќа, почнува во тензична атмосфера, откако претседателката на партијата Деби Васерман Шулц најави дека ќе поднесе оставка поради скандалот со истечените мејлови.

Шулц поднесува оставка од функцијата претседателка на Демократскиот национален комитет, откако се најде под притисок по објавувањето од Викиликс на 20 илјади мејлови на Демократската партија, кои сугерираат дека актвитно работела на дискредитација на кампањата на сенаторот од Вермонт Берни Сандерс.

Шулц во соопштението наведе дека оставка ќе поднесе до крајот на четиридневната конвенција на демократите. 

- Планиравме голема и единствена конвенција и се надевам дека тимот на Демократскиот национален комитет, кој вредно работеше, ќе има силна поддршка од сите демократи, со цел ова да биде најдобрата конвенција, што сме ја имале досега, рече таа. 

Претходно Сандерс побара Шулц да поднесе оставка.

Во врска со случајот се огласи и пртседателот на САД Барак Обама, кој, како што соопшти Белата куќа, и се заблагодарил на Шулц поради претседавањето со Комитетот.

Си-Ен-Сн претходно јави дека Шулц нема да претседава со конвенцијата и оти ќе ја замени членката на Претставничкиот дом од Охајо, Марша Фаџ.

Околу 50 илјади лица се очекува да учествуваат на конвенцијата во Филаделфија, вклучувајќи над пет илјади партиски делегати, пратеници, специјални гости, новинари.

На денешниот прв ден од конвенцијата планирано е да говорат првата дама на САД, Мишел Обама и Сандерс. Поранешниот претседател Бил Клинтон ќе се обрати утре, а в среда во Филаделфија ќе пристигнат и Обама и заменик-претседателот Џо Бајден. В четврток, кога е последната вечер од конвенцијата, Челси Клинтон ќе излезе на сцена за да ја претстави мајка си, која потоа тоа ќе одржи говор и официјално ќе ја прими номинацијата на Демократската партија.

На конвенцијата официајлно ќе биде претставен и заменикот на Клинтон, Тим Кејн.