Македонија
3. April 2019 - 11:09

Делегација на Општина Брежице од Словенија во посета на Општина Илинден

Како резултат на досегашната успешна и плодна соработка на Општина Илинден и претставниците на словенечката амбасада во земјата, делегација на Општина Брежице од Република Словенија, предводена од градоначалникот Иван Молан ја посети Општина Илинден.

Градоначалницит Жика Стојановски и Иван Молан, како што соопштуваат од прес-службата на Општина Илинден, констатирале дека оваа средба отвора можности за соработка меѓу двете општини во повеќе области и реализација на заеднички проекти, пред се со средства од европските фондови, во интерес на граѓаните на двете општини.

Молан од градоначалникот Стојановски се запознал со профилот и капацитетите на Општина Илинден, можностите што ги нудат локалните економски зони, со реализацијата на капиталните проекти во областа на комуналната и патната инфраструктура, образованието, детската заштита, културата и заштитата на животната средина.

Делегацијата од Словенија го посетила Домот на култура „Илинден“, како и Средното општинско стручно училиште „Илинден“, во чија изградба со грант од 500 илјади евра учествуваше и словенечката влада, како дел од реализираната билатерална соработка меѓу нашата влада и Владата на Република Словенија.

-Гостите од Словенија ја посетија и локалната економска зона Марино-Кадино, во која во тек е интензивна изградба на повеќе стопански капацитети. Притоа, во чест на оваа прва посета на Општина Илинден, како симбол на новото пријателство, градоначалниците Стојановски и Молан, како и амбасадорот Јазбец посадија дрвце-чинар, со што дадоа свој придонес во проектот за почист воздух „Со зеленило против загадувањето“, што континуирано се реализира во Општина Илинден, соопштуваат од општинската прес-служба.

Општината Брежице има околу 25.000 жители, по големина слична на Општина Илинден, и се наоѓа на југот на словенечката покраина Штаерска, на седум километри западно од хрватската граница. Во Брежице се наоѓа и познатиот Факултет за туризам, на кој во моментот студираат и неколкумина студенти од Македонија.