Македонија
14. October 2019 - 10:45

Делчевските училишта подготвени пред стартот на грејната сезона

Делчевските воспитно-образовни установи и оваа година подготвено ја дочекуваат грејната сезона, што официјално секоја година започнува на 15 октомври.

Во деветолетката „Св. Климент Охридски“, поради ниските утрински температури, како што изјави директорот Горан Димитровски, училиштето започна со загревање на просториите од 5 октомври.

– Во централното училиште, греењето е на нафта, додека во подрачните училишта кои потпаѓаат под ООУ „Св.Климент“ Охридски“, загревањето ќе се врши на огревно дрво. Ја имаме набавено потребната количина на огревно дрво во сите подрачни училишта, а дополнително во зависност од потребите, согласно претходно направениот тендер и договор ќе бидат набавени нови количества огревно дрво, изјави Димитровски.

Горан Велков, директор на основното училиште „Ванчо Прке“, не очекува проблеми во новата грејна сезона, бидејки навреме е обезбедено нафта и огревно дрво.

– Имаме склучено договор по тендер за набавка на нафта за загревање на училишните простории во централното училиште, додека во подрачните училишта загревањето е со огревно дрво, кое го имаме набавено по претходен тендер и договор со ЈП „Национални шуми“ – Подружница „Голак“, информира Велков.

Вкупно во двете општински основни училишта во првото полугодие, потрошувачката изнесува околу 100 кубни метри дрвна маса и 60 тони нафта.

Слична е состојбата и во делчевската гимназија, каде според информациите на директорот Љупчо Прачкоски, средното училиште има извршено набавка на потребното количество нафта за тековната грејна сезона.