Дејвис си оди од Вардар, се заканува егзодус на играчкиот кадар?!
Исклучувањето на македонскиот и европски ракометен гигант Вардар од Лигата на шампионите полека почна да се рефлектира и на тренерскиот и играчкиот кадар. Прв замина тренерот Давид Дејвис а во наредните денови ќе се знае и состојбата на играчкиот кадар.
Нема дилеми дека Вардар во последните 10-тина години цврсто се етаблира во европскиот ракомет како мегаклуб способен да ги расипе сметките и на најголемите и најбогатите клубови како Барселона и ПСЖ.
Затоа меѓу неговите фанови и сите љубители на ракометот и спортот во Македонија болно одекна одлуката на ЕХФ да им го забрани настапот во ЛШ на црвено-црните.
Токму играњето во елитната лига беше магнет за големиот број ракометни ѕвезди и македонски репрезентативци да го облечат дресот на Вардар што и ги донесе двете европски титули. Неиграњето пак ќе значи егзодус на тренерскиот и играчкиот кадар што веќе и го најави тренерот Давид Дејвис кој заминува во друг клуб.
Се огласија и легендарните играчи Дибиров и Стоилов кои очекуваат информации во оваа разочарувачка ситуација која се заканува на клубот бидејќи без магијата во ЛШ за ракометните ѕвезди понатаму ќе нема предизвик во Вардар.
Спонзорот и раководството на клубот изјавија дека подмируваат долгови од околу 2,5 милиони евра од претходниот сопственик. Многу или малку пари тешко е да се коментира за клуб со значително поголем буџет.
Трагедија е што веќе е доцна да се реагира и да се поправи состојбата.
Вардар дојде на ниво во Европа кое тешко ќе може во иднина да го достигне, покажа дека и малите земји можат , стана база на репрезентативците но и амбасадор на Македонија и Регионот.
Се круниса во европски првак но и тоа очигледно е недоволно државата да ги поддржи ваквите успешни проекти за кои сонуваат и многу побогати клубови и земји како Полска, Унгарија, Франција...
Ова е тема за која е време сериозно да се разговара и во АМС и во МОК и во државните органи. Мора некој да ја измери штетата заради исклучувањето на Вардар за да не ни се случуваат вакви киксови кои ја уништуваат иднината на спортот, на фановите и младите кои инвестираат во својата спортска иднина.
-
Зоран Николовски
Сите содржини од овој новинар