Тенис
4. March 2016 - 11:21

Дејвис куп: Македонија против Ирска за првото место во групата

Тениската репрезентација на Македонија попладнево го игра решавачкиот дуел од Б групата од Третата Европска зона од Дејвис купот што се игра во Талин, Естонија. Ривали на македонските тенисери се играчите од Република Ирска, кои во нашата група ја имаа улогата на фаворити. Двете селекции во првите две кола постигнаа максимални победи од 3:0 против Албанија и Ерменија.
 
Според најавите за Македонија во првиот меч ќе игра Димитар Грабул, а негов ривал ќе биде еден од двајцата играчи кои играа на преходните дуели Бјорн Томсон (18 години, 1046 место на АТП) и Петер Ботвел (20 години, 1115 АТП). Грабул со своите 34 години е поискусен, а во пресрет на Дејвис купот имаше успешен настап на фјучрс во Швајцарија на тврда подлога (имаше четири победи).
 
Во вториот меч за Македонија ќе настапи Томислав Јотовски, како наш најдоброрангиран играч и за ривал ќе го има Сем Бери (24 години, 359 АТП). Во двојки пријавени за Македонија се Грабул и Јотовски, но доколку мечот биде решен шанса ќе добие Горазд Србљак. Кај Ирска во двојки се очекува да настапи Дејвид О‘Хер, кој има и најдобар ранг – 231 на АТП листа во двојки.
 
Победникот во полуфиналето ќе игра најверојатно против селекцијата на Кипар предводена од Маркос Багдатис. Почетокот на дуелот е во 16 часот по локално време или во 15 часот по македонско време.